Во музејот Victoria and Albert во Лондон отворена е изложбата „Marie Antoinette Style“, во соработка со прочуениот дизајнер на обувки Manolo Blahnik. Куратор на проектот е д-р Сара Грант, а ова е прва изложба посветена на личноста на Марија Антоанета и нејзиното влијание врз модата и дизајнот.
Изложбата е потврда на долгодишниот интерес на Blahnik за француската кралица, кој датира уште од неговото детство, кога неговата мајка му ја читала биографијата на Стефан Цвајг од 1932 година. Овој мотив подоцна прераснал во трајна инспирација – ликот и стилот на Марија Антоанета се препознатливи во многу колекции на Blahnik, исполнети со фантазија и романтика.
Посебно место во изложбата имаат уникатните рачно изработени модели инспирирани од нејзиниот стил, како и оригиналните скици што за првпат јавно се изложуваат, откривајќи дел од креативниот процес на дизајнерот. Blahnik, кој ги создаде и обувките за оскаровски наградените костими на Милена Канонеро во филмот „Marie Antoinette“ на Софија Копола (2006), преку оваа поставка повторно се враќа на изворот на својата инспирација – архивите на самиот музеј V&A, каде што проучувал обувки од XVIII век.
![]()
По повод отворањето, Blahnik претстави и лимитирана капсуларна колекција што ја реинтерпретира раскошната елеганција на француската кралица, достапна исклучиво во продавниците на Manolo Blahnik и на официјалната страница manoloblahnik.com./M.M.




















